Анализа на состојбата и потребата од унапредување на енергетската ефикасност во општините Битола и Кичево

14/08/2015

Оваа публикација е производ од проектот "Иницијатива за јакнење на јавниот дијалог за одржливо користење на енергијата“ финансиран преку Програмата ИПА за погранична соработка помеѓу Македонија и Албанија на Европската унија. Проектот од македонска страна е спроведен од Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) од Скопје, додека во Албанија за негова имплементација е задолжена Академијата за политички студии (АПС) од Тирана. Целта на овој проект е зголемување на соработката помеѓу општините Битола и Кичево од македонска страна и Корча и Поградец од албанска страна во поглед на спроведувањето на веќе поставените цели за одржливо користење на енергијата, намалување на трошоците за енергија, како и рационално користење на расположливите ресурси во пограничниот регион.Публикацијата има за цел да презентира анализа на податоците од истражувањето што беше спроведено во рамките на овој проект, а се спроведе во две погранични општини: Кичево и Битола. Со истражувањето се утврдија ставовите, гледиштата и искуствата на сите засегнати страни во локалната заедница – граѓаните, општинските службеници, градоначалниците, невладините организации, стопанските субјекти и новинарите. Преку соодветни истражувачки алатки, како што се интервјуа, прашалници и анализа на соодветни документи, ЦИКП доби слика за состојбата во поглед на унапредувањето на енергетската ефикасност во Битола и во Кичево, потенцијалот за подобрување на енергетското портфолио на двете општини, како и проблемите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, компаниите, претставниците на невладиниот сектор и локалните власти во однос на рационалното користење на енергијата. Дополнително, во истражувањето беа вклучени и новинарите што известуваат за овие региони со цел да се увиди нивната перцепција и одговорност во интензивирањето на јавната дебата по ова прашање.     Ве молиме кликнете тука за PDF верзија