И кога луѓето имаат сознанија за начинот на заштеда на енергијата, тешко се одлучуваат да ги применат, бидејќи немаат доволно пари за такви инвестиции
17/06/2014
Моника
Талеска
Прилеп - Прилепчанецот Трајче Темелкоски неодамна се вселил
во нова куќа. Вградил нова ПВЦ-столарија, применил современи изолациски
материјали на надворешната страна од куќата, ставил еколошки покрив, а ги
прифатил и сите совети на градежниците околу употребата на квалитетни, ефикасни
материјали кои ќе му помогнат да оствари поголеми заштеди на енергија.
„Со намера сум, бидејќи куќата е на два ката, да ставам 3-4 соларни колектори.
Знам и дека Владата исплаќа одредена сума пари за тоа, па треба да се информирам
и да ја искористам оваа бенефиција. Куќата ме чинеше многу, но немав избор,
подобро сега да вложам отколку како во старата куќа само да плаќам високи
сметки, а никогаш да не бидеме доволно стоплени, или во лето да нема ефекти од
клима-уредот“, вели Темелкоски.
Во Прилеп граѓаните се' почесто ја менуваат дрвената столарија со нова ПВЦ, за
да обезбедат термо и звучна изолација.
„Секој ден сме на терен, има порачки не само во Прилеп, во селата во Долненско
сите куќи што се градат веќе се со нова столарија. Не велиме дека не е скапо за
стандардот на граѓаните, но ако се прави споредба со парите кои се даваат нив
годините, а бараните ефекти не се постигнуваат, тогаш разбирливо е зошто луѓето
се одлучуваат за тоа“, велат од фирмата „Алдин Пен“ од Лажани.
Но, сепак, ниту третина од домовите, зградите, куќите во Прилеп не ставиле ПВЦ-
столарија. Според истражувањата на невладиниот Центар за истражување и креирање
политики од Скопје, направени во Битола и во Кичево, едвај 5 отсто битолчани и
кичевчани имаат соларен колектор. А, не е голем бројот и на оние што имаат нова
столарија.
„Според истражувањето, состојбата е иста и во општините, и во бизнис-ресорот и
кај домаќинствата. Едноставно, нема доволно информации како да се штеди
енергија, а и кога имаат сознанија, луѓето немаат доволно пари за вакви
инвестиции“, вели Златко Симоноски, од невладината ЦИКП од Скопје.
Општина Прилеп за улично осветлување подолго време користи штедливи светилки и
според надлежните, ефектите се многукратни. Општина Битола, пак, во моментов
работи на проект за централно затоплување.
„Од РЕК Битола се спроведува топловод до општина Битола, кој во прва фаза ќе ги
опфати големите потрошувачи, а во втората и домаќинствата. Ќе има голема
заштеда на енергија и бенефит за целиот град“, вели Валентино Јанакиевски, од
локалниот сектор за енергетика.
Општина Кичево, исто така има реализирано проекти за енергетски заштеди, но,
според надлежните, ова е огромно поле на активност.
„Ограничените финансиски ресурси со кои располага Општината се главен проблем
поради што не може да се реализираат и многу други проекти за кои и досега сме
размислувале“, вели Тино Алексов, од ресорот за енергетска ефикасност на
кичевската локална самоуправа.
Невладиниот Центар за истражувања и креирање политики, со цел да ги
сензибилизира граѓаните и да ја зголеми информираноста од ефектите на
енергетските заштеди, реализира пограничен проект во соработка со невладината
организација од Албанија, Академија за политички студии.
Проектот „Иницијатива за јавен дијалог за одржливо користење на енергија“ се
реализира во неколку фази. Ќе се разменуваат искуства меѓу невладиниот, бизнис-
ресорот и локалната администрација на Битола, Кичево, Поградец и Корча, ќе се
едуцираат кадри, ќе се изработат студии...
„Дел од активностите се поврзани со градење на капацитетите на сите овие
чинители, на креирање јавни политики на локално ниво во областа на енергетската
ефикасност, но во исто време и на подигање на свесноста кај граѓаните за
начините како може да ја зголемат енергетската ефикасност“, вели Марија
Ристеска од невладината ЦИКП.
Сите активности на крај ќе финишираат со саем за енергетска ефикасност, кој ќе
се одржи во Битола, а на кој се очекуваат до 1.000 посетители. LINK:
http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=26967B0CAAF90F4A852186FFD3CE8C3A